Доаѓаме до крајот на една од најважните и најчувствителните години за нашата земја. Година на интеграциите. Да ги направиме реалност нашите желби и цели – мирна и стабилна земја, во сојузништво и со членство во НАТО и ЕУ, глобална и праведна Македонија со економија која функционира за секого. Ви посакувам успешна, економска и интеграциска година, добро здравје и ведар дух, вели во новогодишното обраќање до граѓаните Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев.
Македонија, порачаува премиерот Заев, ја градиме да биде богата и современа држава, во која сите граѓани ќе имаат пристоен живот и благосостојба, за себе и за своите фамилии, да биде земја на инвестиции и модерна инфраструктура, земја на солидарност и заедништво, каде сите ќе се почитуваме меѓусебно и ќе си помагаме.
– Преку изградба на пријателство со соседот Грција, одговорно затворивме спор што Македонија ја влечеше надолу цели 27 години. Избравме иднина, наместо неизвесна изолација. Денес, нашата држава е на чекор да стане 30- тата членка на најмоќната алијанса во светот, НАТО.Се подготвуваме за почеток на преговорите со Европската унија, процес со кој градиме држава по европски стандарди и со што стануваме рамноправни со граѓаните од Европската унија. Државноста се потврдува само во заедница со другите, а не во изолација, вели Заев во новогодишното обраќање.
Додека ја испраќаме 2018 година, продолжува Заев, во пресрет на деновите кога низ целата земја се собираат семејствата и пријателите за да се прослават празниците, да се подготвиме за моментите исполнети со радост, задоволство и просперитет на секој план, направивме чекори кои овозможија сега тоа да зависи само од нас.
– Да бидеме горди на тоа. Затоа, иако предизвиците се големи, да се украсиме сите ние со храброст, одлучност и да ги направиме реалност нашите желби и цели – мирна и стабилна земја, во сојузништво и со членство во НАТО и ЕУ, глобална и праведна Македонија со економија која функционира за секого. Во тој дух да го поддржиме и да му дадеме шанса на сонот на нашите генерации. Среќна Нова 2019 година, порачува Заев во новогодишното обраќање.