– За оние кои заради околностите ќе останат без работа, владата преку друга мерка обезбедува 50 проценти од просечна плата што ја земал граѓанинот, преку системот на социјална заштита. Ударот врз економијата е голем, но ќе успееме да ги заштитиме работниците. Во најтешкиот месец, април, нови невработени се 6.800 граѓани од вкупно 800.000 вработени граѓани, истакна денеска Зоран Заев.

Тој на фејсбук профилот пишува дека е сигурен оти со обезбедувањето флексибилност во користењето на мерките, бројката на новоневработени во следниот период ќе биде уште помала, како и дека во меѓувреме ќе активираат нов погон за македонската економија и преку креативни чекори ќе се обезбедат нови работни места.

– За сите квалификувани работници сигурен сум дека лесно ќе се најде работно место на пазарот на трудот, нагласува Заев.

Претседателот на СДСМ информира дека средствата кои Владата заедно со Светска банка ги обезбедила за компаниите и за работниците се за спас на многу работни места, а за да можат да аплицираат фирмите, појаснува Заев, да ги искористат средствата и со тоа да спречи губење на многу работни места, обезбедена е флексибилност во условите за користење на мерките.

– Најпогодените сектори од кризата со коронавирусот, како угостителството, туризмот и транспортот покрај 14.500 денари по вработен, добиваат поддршка и од 50 проценти од придонесите за април и мај. Фирмите кои ќе ја користат мерката помош од 14.500 денари по вработен, дури и да покажат добивка за 2020 година, нема да ја вратат помошта што ја добиле од Владата, но под услов истата сума на пари да ја инвестираат во развој на сопствената фирма во текот на 2021 година, појаснува Заев.

Фирмите можат да ги користат сите мерки на Владата, исклучиво доколку не спроведат отпуштања од поголеми размери, односно доколку евентуалните отпуштања не се поголеми од 5, 10 или 15 проценти соодветно за големи, средни, мали или микро фирми.