Во врска со тоа дали Владата планира во претстојниот период да ги назначи Теута Арифи за амбасадор во САД, Дане Талевски за амбасадор во НАТО, Мишо Докмановиќ за амбасадор во Израел и Сашко Насев за амбасадор во Бугарија, премиерот Зоран Заев истакна дека за две од овие имиња се разговара, две воопшто не се споменуваат, но напомена дека приоритет е да се испрати амбасадор во Североатлантската алијанса.
Тој ова го посочи денеска од собраниската говорница, одговарајќи на пратеничко прашање поставено од пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски, кој истакна дека прашањето било наменето за шефот на дипломатијата Никола Димитров, но поради тоа што тој не е присутен на седницата му го упати на премиерот.
-Дали Владата планира во овој период лицата Теута Арифи, градоначалник на Тетово, Дане Талевски, политички советник на Заев, Мишо Докмановиќ, професор на Правниот факултет и Сашко Насев да ги постави за амбасадори во САД, НАТО, Израел и Бугарија. Прашањето го поставувам и во врска со принципите кои министерот за надворешни работи Никола Димитров ги спомена во 2017 година, зошто пред избори не треба да се упатуваат амбасадори во важни политички дипломатски центри и тогаш случајот беше поврзан со Александар Николовски, за кого Владата одлучи врз основа на тие принципи да не го упати за амбасадор, истакна Милошоски.
Тој го праша премиерот дали се уште важат тие принципи и дали Владата и нејзините коалициски партнери имаат намера во овие преостанати 60 дена од целосниот мандат да покрене постапка или дали покренала за споменатите лица.
Заев кажа дека Владата е посветена на избор на амбасадори за барем половина од непополнетите амбасадорски позиции и нагласи дека таа е во фаза на консултации со претседателот на државата и министерот за надворешни работи.
Истакна дека се очекува откако ќе заврши постапката на консултации, која, како што рече е нормална постапка, да се разговара со него со цел да се подготви владина седница во делокругот на тоа што Владата го има како ингеренции за назначувањата.
-Сум слушнал некои од овие имиња. Од овие четири две воопшто не се дискутираат, две се дискутираат, рече Заев и додаде дека е прерано да дава свои ставови, појаснуваќи дека за некои од нив можеби претседателот нема да даде дозвола, а за некои МНР.
Премиерот потенцира дека приоритет во моментов е да се испрати амбасадор во НАТО и нагласи дека деновиве ќе разговара со Димитров и ќе му посочи да ја забрза постапката.
Додаде дека очекува дел од постапките за нови амбасадори да завршат ноември, декемри, а можеби и јануари и февруари.
Милошоски не беше задоволен од одговорот и нагласи оти Владата не треба во предизборен период да испраќа, како што рече, политички амбасадори во важни дипломатски центри.