Воислав ЗАФИРОВСКИ

Чудна работа стана политиката, а уште почудни се тие што се бават со неа. 

Ако во нормалниот свет преку политиката треба да се обезбеди конзистентност на развојот на односите во една држава; ако преку неа треба да се обезбедат претпоставки за економска стабилност и развој; ако треба да ја обезбеди и зацврсти меѓународната позиција на државата; ако политиката треба да обезбеди претпоставки за функционирање на правната држава на сите нивоа; да обезбеди механизми за ефикасна и ефективна борба против организираниот криминал и корупцијата, ако политиката треба да ги преточи потребите на граѓаните во конкретна активност, тогаш кај нас нема политика, има политиканство, нема ни политичари, туку политиканти и измамници кои сметаат дека удобната фотеља ги прави паметни, стручни и компетентни. Каква страшна заблуда?!

Како поинаку обичниот човек да ги разбере фактите дека нема конзистентност на развојот на демократските процеси во Македонија, се игнорира референдумското изјаснување, вољата на народот, во континуитет се договара судбината на државата и нацијата час во Пржино, час во Клубот на пратениците, час на Кале, а не во институциите на државата што е уставна обврска; фактот дека нема претпоставки за економски развој, напротив, се се сведува на обезбедување претпоставки да цветаат бизнисите на политичарите; фактот дека Македонија стана беззначајна држава со неизвесна меѓународна позиција; кога по ниту една линија не функционираат институциите на државата, а правниот систем важи само за оние со многу пари, а не и за оние што се во право; фактот дека во организираниот криминал и корупцијата, церемонијал мајсторите се луѓето од самиот политички врв, барем така се шпекулира во јавноста…што бевме, а што станавме заради недоветни и алчни политичари?! Зошто се однесуваат како приврзоци на тие од Калето и од Козле?! Мора ли секогаш и за се’ да одат као сигурни во своите ставови кај нив на бацираче, а од таму да излегуваат не сигурни, со туѓи ставови кои ги бранат како свои, или да бидам поразбирлив, да излижат се што претходно плукнале. Како им успева наместо во надлежните државни институции, четири сомнителни типови во осум очи да одлучуваат и да ја кројат судбината на Македонската држава и нација?!

Зарем тоа што сме денес и тоа што треба да бидеме во иднина ќе дозволиме да не зависи од нас самите?!

Драги мои, вака ќе биде се додека како народ довербата бланко ја даваме на автократи, на уценети, на недоветни, патолошки лажговци и случајни ликови што залутале во политиката; така ќе биде се додека Македонија не стане една изборна единица со отворени кандидатски листи; се додека не се забранат предизборните коалиции кои во принцип ја уништуваат смислата на политичкиот плурализам; се додека државата сама не ги финансира изборите, а јавниот сервис целосно и бесплатно не го покрива политичкото рекламирање, бидејќи финансирањето на изборите од донации на физички и правни лица, не е ништо друго туку основ за корупција и клиентелизам. Се до тогаш, Македонија не може да стане држава со ефективна, самостојна и не зависна власт на сопствената територија, се до тогаш извршната силно ќе ги држи во свои раце судската и законодавната влст.

Без разлика кој ќе формира влада, без разлика кој ќе биде позиција, а кој опозиција, без разлика кој што ветуваше во изборниот период, работите нема да се променат без сериозни измени во Изборниот законик и Законот за финансирање на политичките партии. Едноставно, постојната изборна регулатива е дискриминирачка за сите партии, освен за СДСНЗ* и ДПНЗНЕ*, кои во старт од предвидените средства за изборното претставување земаат 90% од колачот, а сите останати само 10%. 

Ако изборите се замислени како натпревар на идеи, на концепти, на стратегии и развојни визии, тогаш стартната линија за сите треба да биде иста и секој треба да трча за себе. Само тогаш и на тој начин, политичкиот плурализам има смисла и има цел.

За крај, членовите на партиите, а особено тие што се во нивните раководни органи и тела, тие ни ги создаваат автократите кои ни ја водат државата, тие се најодговорни за автократскиот однос на лидерите. Вината е нивна, а со тоа и одговорноста, бидејќи со поданичкиот однос, со желбата да бидат што е можно поблиску до лидерот, по можност да бидат и дел од нивниот “ауспуф”, тие им го билдаат егото до степен да се чувствуваат семоќни, дека сите околу нив се само потрошен материјал за еднократна употреба, нешто како книжна марамица која по употребата се фрла во корпа за отпадоци. 

Во отсуство на критична мисла и коректор, кај лидерите силно проработуваат суетата и егото што ги тера да се опкружуваат со подлизурковци и луѓе кои размислуваат со нивната глава, а во секој што размислува принципиелно, поинаку и што има свој, поинаков став, во нив гледаат потенцијална опасност за виртуелниот свет кој тие околу него го создале и во него ги ставиле, тие таквите се непожелни и подложни на тивка елиминација без разлика на нивниот креативен и демократски потенцијал, а некои лидери дури се дрзнуваат да го прозиваат и Ќосето (?!). 

До каде очекувате да стигне Македонија со такви егоисти, со такви автократи кои за себе мислат дека директно Бог ги праќа како месии со “специјална” мисија на земјата?!

Примери за вакви суетни ликови во Македонија имало и има, со еден збор практика е, “револуцијата” да ги јаде своите деца. Само се прашувам “револуцијата” или ненаситните “султани” се тие што заради својата суета ги јадат сопствените “непослушни” деца?!

Не одете многу далеку, потсетете се на Црвенковски, на Георгиевски, Груевски, на Заев…но и на ликовите кои беа мислечките столбови во нивното време, кои како ѕвезди блеснуваа, за потоа истите да бидат пуштени низ вода и не затоа што нешто згрешиле, туку само затоа што лидерите не можеле да се носат со помислата дека има некој што знае и може повеќе од нив, дека има некој со поголем демократски капацитет, дека има некој што практично покажува дека султанот е вештачка “надчовечка” мистифицирана творба создадена од грст подлизурковци и неспособни ликови што го опкружуваат.

Токму затоа, секој што се декларира како интелектуалец, а молчи на се ова што ни се случува, па како резултат на тоа имаме “Султани” и “Месии” кои ги креираат државните политики (ако воопшто се тоа автохтони Македонски политики), на нив паѓа вината и одговорноста за иднината на Македонија и Македонците…за жал, на овој план најмногу потфрли МАНУ, која со Камбовски, Фити и таквите како нив, станаа директни соучесници во разнебитувањето на се’ и на сите што размислува поинаку од моќните ликови кои одработуваат туѓи агенди.

*СДСНЗ – Социјалдемократски сојуз на нашата земја (која?!);

*ДПНЗНЕ – Демократска партија на нашата земја (која?!) за национално единство;