За првпат од осамостојувањето на Македонија се случува ваква организирана, координирана истрага која верувам ќе ги опфати сите оние кои имаат вина за она што се случи во Кочани.

Ова во гостувањето во „Наткаст“ на Курир.мк со Љупчо Цветановски го истакна поранешниот антикорупционер со 30 годишно полициско искуство Воислав Зафировски.

-Полициските службеници во принцип се одговорни по основ на давање на согласност за исполнување на условите за нормално функционирање на објекти, особено на објекти од типот на кабареа, ноќни клубови, ресторани и други локали. Сметам дека опфатот на истрагата е неселективен, под лупа се ставаат сите кои имаат свој допринос во она што се случи во Кочани на 16 минатиот месец. Полициските службеници дефинитивно ќе си одговараат затоа што тие имале обврска да ги проверат техичките услови за безбедно одвивање на сообраќајот, за безбедно одвивање на било какви настани и давањето на согласност на непроверени податоци, ставање потпис на согласноста значи бездруго соучесништво во ова што се случи, вели Зафировски.

Додава дека сомненијата за нив не се без основ и тука нема пардон.

-Полицијата сега во овој момент не врши истрага. Истрагата ја води и раководи, ја координира јавното обвинителство. Сите јавни обвинители кои како тим работат на расветлување на настанот. Полицијата работи исклучиво по налог на обвинителството и тука не може никој со прст да покаже на полицијата. Полицијата претставува алатка во рацете на ЈО и е должна да ги спроведе сите барања, сите наредби и потребни активности на кои инсистира јавното обвинителство. За првпат имаме една сериозна и длабинска истрага која верувам на површина ќе ги исфрли сите кои носат одговорност, нагласи Зафировски.

Тој посочи дека сведоци сме дека јавноста секојдневно се брифира за тоа до каде е истрагата, дека се проширува, за колку е определена мерка притвор или мерка на претпазливост.