Граѓаните на Скопје и Тетово се изложени на значително повисоки нивоа на токсични честички (PM2.5), во споредба со лица од Западна Европа. Ова го истакна директорот на Светска банка за Косово и Македонија, Масимилијано Паолучи, на конференција во Скопје за квалитетот на воздухот.
Тој посочи и дека загадениот воздух годишно убива околу 2.800 жители во Македонија, како и дека покрај напредокот од 1990-те, загадувањето на воздухот е сѐ уште високо, особено во зимските месеци.
Според првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, кој се обрати на конференцијата, првиот фактор е тоа што домаќинствата и индустријата сѐ уште користат неквалитетно дрво и други извори за греење, посебно во зимската сезона.
Тој на 16 декември ја претстави новата Планска програма за почист воздух 2024-2030 и рече дека целта на програмата е долгорочно и среднорочно решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во Македонија.
Даме Димитровски, професор на Машинскиот факултет-Скопје, појасни дека програмата е направена врз база на долгорочни истражувања и најави строги инспекциски контроли на индустриските капацитети.
„Емисиите ќе бидат јавни и сите ќе бидеме сигурни дека тоа што се емитува е сигурно на европски ранг. Како што во 1963 формиравме силни научни институции, кога имавме проблем со земјотресот, сега сакаме да ги поддржиме научните институции да се бават со истражување за чистење на воздухот или за не загадување на воздухот и таква програма сме предвиделе“, додаде Димитровски.
Министерот Меџити порача дека инспекторите се веќе на терен, но и дека треба да се зголеми нивниот број за да може да се опфати целата држава.