Веќе трет ден, американски државјанин со арапско потекло се наоѓа во неутралната зона меѓу Грција и Турција кај Еврос, бидејќи не може да влезе ниту во едната, ниту во другата земја, јави дописничката на МИА од Атина.
Турција го смета за џихадист и го екстрадира, Грција не го прима бидејќи самиот рекол дека не сака да влезе во земјата, па така веќе трет ден е во меѓуграничната зона.
Грчката полиција, во понеделникот соопшти дека американскиот државјанин со арапско потекло го донеле турски полицајци на граничниот премин Кастањес кај Еврос и побарале да влезе во Грција, тврдејќи дека е уапсен затоа што ги надминал дозволените деновите за престој во Турција.
Мажот рекол дека не сака да влезе во Грција, се вратил во Турција во придружба на турската полиција, но неколку часа подоцна повторно дошол на грчката граница, овој пат сам и побарал да влезе во Грција. Грчките власти не му дозволиле влез и го запечатиле неговиот пасош, а во базата на податоци на Грција и на земјите партнери не било откриено ништо против него.
Според турските медиуми, Анкара го екстрадира лицето будејќи смета дека е припадник на Исламска држава, истото го изјавил и претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган, кој воедно рекол дека тоа што мажот е заглавен во неутралната зона не ја интересира и не е проблем на Турција.