Загриженост изразуваат епидемиолозите во Грција за секојдневниот број нови случаи на Ковид-19, кој во изминатата седмица е над 3.000, но и за намалениот број вакцинирани, како и за веројатноста бројот на новозаразени дополнително да се зголеми по враќањето на граѓаните од летните одмори, јави дописничката на МИА од Атина.
Доколку се анализираат податоците од Националната организација за јавно здравје, за една седмица регистрирани се 22.471 новозаразени, а починаа 143 лица, наспроти втората седмица од јули кога за седум дена имаше 16.000 нови случаи и 50 починати.
На 14 јули, 135 пациенти беа приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега во грчките болници, од кои само тројца на возраст до 39 година, а вчера, еден месец подоцна, бројот на лица приклучени на апарати е за 100 повеќе, односно 236, од кои едно е дете, а 14 на возраст од 18 до 39 години.
Паралелно, во текот на минатиот месец, дневно аплицираните вакцини се движеа од над 70.000 до 94.000, а во текот на август, овој број почна секојдневно да се намалува на 23 до 30 илјади.
-Бројот на вакцинации значително се намали во август. И, се разбира, тоа има влијанија. Влијае не само на ширењето на вирусот, туку влијае и на хоспитализациите, на приклучените на апарати и за жал на смртни случаи, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во четвртокот за време на прес конференцијата.
Упати апел невакцинираните веднаш да се имунизираат, а истото континуирано го споменуваат и епидемиолозите во Грција, но и повикуваат да се почитуваат мерките, како што се дистанца и маски, нешто што се чини дека тешко се спроведува по тесните сокачиња на дел од островите.
Повеќе популарни летни дестинации во Грција, како што се дел од Кикладските острови имаат висок процент позитивни случаи во однос на направени тестови, па затоа препораките се невакцинираните што се враќаат од одмор да бидат особено внимателни.
Професорот епидемиолог и член на Комисијата на епидемиолози во Министерството за здравство Гикас Мајоркинис, говорејќи за грчката телевизија „Скај“ рече дека особена загриженост предизвикува непочитувањето на мерките за време на ноќните забави на туристичките дестинации.
Островите Наксос, Парос, Родос, Миконос и Крит се во фокусот на епидемиолозите со оглед на тоа дека имаат од 3,6 до 5,3 отсто позитивни случаи од направени тестови.
Наксос е со највисок процент 5,32 отсто, а градовите Ханија и Ираклио на Крит веќе се во црвената зона со воведени рестриктивни мерки.
Со оглед на тоа дека денеска во Грција се прославува Голема Богородица, што важи за период кога Грците масовно ги напуштаат урбаните средини и заминуваат на некоја од туристичките дестинации, предупредувањата се дека по враќањето, можно е дополнително зголемување на новите случаи на Ковид-19 во земјата.
Директорот на Одделот за интензивна нега во солунската болница „Папаниколау“ Никос Каправелос, говорејќи за телевизијата „Мега“, предупреди дека со брзото ширење на мутацијата Делта, во септември и октомври може дневно да има до пет или десет илјади новозаразени.
Од почетокот на пандемијата во Грција потврдени се 535.237 случаи, а починаа 13.206 лица.
Заклучно со вчера, во земјата се аплицирани 10.988.409 дози од вакцината, 5.838.557 лица примиле најмалку една доза, а 5.504.723 граѓани се целосно вакцинирани.