Колку е опаднат наталитетот и колку е зголемено иселувањето покажуваат и бројките за новороденчиња во општината Демир Хисар, каде според последниот попис од 2021 година има 6.500 жители, а за првото бебе се чекаше половина месец.
– Денеска, официјална делегација предводена од градоначалникот Никола Најдовски, го посети првото новороденче – машко за оваа година и им врачи на среќните родители подарок – ваучер во висина од 10.000 денари и златно крвче. Димитриј Пејковски, од село Жван, роден на 14 јануари, 2025 година е првото новороденче за оваа година, се вели во објавата на Општина Демир Хисар.
И додека во други општини и градови се бројат секундите од Новата година за да дојде на свет првото бебе, општината Демир Хисар која некогаш имаше двојно повеќе жители, годинава чекаше половина месец за првото новороденче.
– Да е здрав и жив Димитриј, му посакувам среќа и безгрижно детство, а со искрени желби оваа година да ни биде плодна, бериќетна и што повеќе да се раѓаат деца во Демир Хисар, се вели во честитката на Најдовски.
Демир Хисар е со речиси двојно помалку жители од времето кога наталитетот бил поголем, а иселувањето помало.