Русија смета дека одлуката на властите на Македонија да ѝ донираат тенкови на Украина е голема грешка, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова.
Таа рече дека со оваа постапка Скопје дало поддршка за „продолжување на криминалните активности на режимот од Киев“.
„И покрај фактот што, според северномакедонските власти, станува збор за ‘безопасна’ донација на застарена опрема, … Македонија, како лојалист на НАТО е вклучена во испраќањето оружје во Украина, со што придонесува за продолжување на криминалната активност на режимот во Киев против цивилното население во Донбас“, изјави Марија Захарова, портпаролка на Министерството за надворешни работи на Русија.
Според Захарова, оваа голема грешка на државава води кон дополнително влошување на состојбата.
„Република … Македонија е суверена држава која самостојно носи одлуки“, се вели во одговорот на МНР од Скопје.
„Од самиот почеток, … Македонија ја осуди воената интервенција во Украина и застана во поддршка на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина, а пред сè во поддршка на мирот, човековите права и меѓународниот поредок заснован на правила. Според тоа, Владата на Република … Македонија досега има одобрено неколку Одлуки за воено-техничка помош со кои ѝ помагаме на Украина во одбраната на нејзиниот територијален интегритет, на која ѝ се заканува воена интервенција. Република … Македонија, како членка на најмоќната воено-политичка алијанса – НАТО Алијансата, стои зад определбата на Алијансата да биде гарант за мирот и безбедноста на земјите-членки и за заштита на вредностите, слободата и безбедноста на сегашните и идните генерации“, велат од МНР.
Владата во Скопје на 29 јули објави дека ѝ подарила тенкови на Украина, кои според АРМ и Министерството за одбрана се тенкови од трета генерација, а со оглед на развојот на технологијата, тие се сметаат за неконкурентни и некомпатибилни. Земјава претходно донираше медицинска опрема и друга помош за цивилното население во Украина.