Рускиот амбасадор во САД Анатолиј Антонов, кој претходно беше повикан во Москва на консултации за состојбата на руско-американските односи, ќе се врати во Вашингтон следната недела, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.
-Секако, сите сакаат да ги знаат информациите за амбасадорот на Руската Федерација во САД (Анатолиј Антонов). Веруваме дека следната работна недела ќе ја помине во Вашингтон, изјави Захарова на прес-конференција.
За потсетување, рускиот амбасадор во САД Анатолиј Антонов и американскиот амбасадор во Русија Џон Саливан се повлечени во своите матични земји во последните месеци поради зголемените тензии меѓу САД и Русија. Рускиот претседател Владимир Путин претходно соопшти дека за време на Самитот во Женева се договорил со американскиот претседател Џо Бајден да се вратат на своите работни места рускиот и американскиот амбасадор во САД односно Русија.