Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека резултатите од американската политика на Блискиот Исток се само смрт и пропаст, пренесуваат руските медиуми.
Коментарот на Захарова следи по изјавата на американскиот помошник државен секретар Дејвид Шенкер дека Русија треба „да се исчисти од Блискиот Исток“.
-Би сакала да разјасниме кои американски проекти од последните две децении на Блискиот Исток Шенкер ги смета за успешни. Не можеме да се сетиме, само смрт и урнатини, рече Захарова.
Шенкер на видео конференција во Институтот за Блискиот Исток во Вашингтон кажа дека Русија треба „да се исчисти од Блискиот Исток“, затоа што таму игра „деструктивна улога“, пренесоа руските агенции.
Зборувајќи за ривалството на големите сили во регионот на Блискиот Исток, Шенкер кажа дека САД не ги присилуваат овие земји да направат било каков избор, туку сакаат да знаат какви ќе бидат последиците од изборот што можат да го направат.