Иранскиот заменик министер за надворешни работи Абас Арагчи не ја исклучува можноста Техеран да се повлече од нуклеарниот договор за неколку месеци.
Тој на маргините на четвртата Московска конференција за неширење на нуклеарно оружје истакна дека Иран планира да го заштити и спаси Заедничкиот сеопфатен план за дејствување на иранската нуклеарна програма преку дипломатски средства.
– Иран почна да го намалува почитувањето на обврските од договорот врз основа на параграфот 36 и Техеран го користи тоа право. Целта е да се заштити договорот, а не да се стави крај на неговото постоење. Ние даваме доволно време, два месеца, до секоја следна етапа, да се продолжи дипломатската работа. Тоа е нашата позиција, нагласи Арагчи.
Иранските власти денеска соопштија дека збогатуваат ураниум до пет отсто. Според договорот, на Иран му било забрането да збогатува ураниум во подземниот нуклеарен објект Фордо, како и да го збогатува ураниумовиот изотоп 235 повеќе од 3,67 отсто.
– Според нашите податоци, моментно произведуваме пет отсто, изјави портпаролот на Иранската организација за атомска енергија, Беруз Камалванди, додавајќи дека Иран има „капацитет да произведе пет, 20, 60 или кој било друг процент“.
Нивото од пет отсто е под збогатувањето од 20 проценти, до каде стигнувал Иран претходно, и далеку од 90 отсто колку што е потребно за производство на атомска бомба.
Продолжувањето на активностите во Фордо предизвика загриженост во Париз, Берлин и Лондон, потписниците на нуклеарниот договор, кои побараа од властите во Техеран да ја повлечат одлуката.