Новата молдавска Влада денеска положи заклетва пред претседателката Маја Санда во Кишињев, објави државната агенција Молдпрес.

Владата, предводена од независниот научник и инвестициски банкар Александру Мунтеану, смета дека завршувањето на преговорите за пристапување кон Европската унија до 2028 година е нејзина најважна задача.

Мунтеану вчера во Парламентот вети дека ќе поднесе оставка ако не успее да ги заврши подготовките за пристапување на земјата кон Европската унија до посочената 2028 година.

Проевропската Партија за акција и солидарност (ПАС) на Маја Санду победи на парламентарните избори на крајот на септември и покрај обидите на Русија да се вмеша во изборниот процес.

Санду го назначи Мунтеану за нов премиер, кој претходно работел како банкар во Молдавија и Франција, а една деценија и за Светската банка во Вашингтон.

Мунтеану е државјанин на Молдавија, Романија и САД, а 20 години живеел во Киев, главниот град на Украина. Во неговата влада има повеќе непартиски експерти отколку членови на ПАС.