Политичките фактори и понатаму поделени околу предложениот закон за амнестија. Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ смета дека токму амнестијата може да помогне за растоварување на затворите, но на иста линија не е и министерот за внатрешни Оливер Спасовски, кој вели дека законот за аменстија не го гледа како решение за затворските проблеми.
Вицепремиерот Маричиќ вчера рече дека сериозно треба да се разгледа Предлог законот за амнестија и потсети дека имавме таков закон и во 2018 година.
-Се додека целта на тој закон е оние коишто се казнети со помали казни, или оние коишто веќе издржале голем дел од својата казна, да можат да бидат ослободени мислам дека сериозно треба да се разгледа, бидејќи знаеме дека тоа е еден од начините како да се растоварат затворите, истакна Маричиќ.
Спасовски пак смета дека е непотребно носење на законот за амнестија и оти неговата примена нема да ја промени состојбата со пренатрупаноста во затворите.
-Цврсто стојам на тој став дека со законскиот текст не се постигнуваат ефекти и дека треба да се размислува стратешки во правец на создавање на услови за да може тие оние кои се на издржување казни, да ги издржуваат казните, а не преку амнестии да ослободуваме простор во казнено-поправни установи, повтори вчера Спасовски. Тој додаде дека ставот на владејачката партија по однос на ова законско решение пратениците ќе го кажат на седница.
Предлог-законот за амнестија за Демократската унија за интеграција има хумана димензија, а за албанската опозиција – Демократското движење, Алтернатива и Движењето Беса – политичко профитирање пред избори.
Пратеникот на ДУИ, Арбер Адеми вчера на прес-конференција истакна дека ќе го поддржат Предлог-законот за амнестија и посочи дека интенцијата на Министерството за правда е издржана.
Фадил Зендели, пратеник на Движењето Беса, пак, во името на опозициските албански партии истакна дека овој Предлог-закон е политичка пропаганда и политичко профитирање пред избори.
– Предлог-законот се прави за политички цели, пред изборите. Се знае во какви околности се носат вакви закони и како луѓето кои се осудени со правосудни и судски одлуки како можат да се помилуваат, за тоа има институции, а таа надлежност ја има претседателот на државата, рече Зендели.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски викендов најави дека доколку законот за амнестија се носи по скатена постапка и со европско знаменце, ќе побара од највисоките тела на партијата поддршка за одлуката пратениците на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата да ја напуштат работата на Парламентот.
Министерството за правда ги нарече неосновани тврдењата на претстедалот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека законот за амнестија ќе се носи во скратена процедура со европско знаменце.
-Министерот за правда Кренар Лога уште од првиот ден, а исто така и на брифингот со медиуми кој се одржа минатата недела јасно кажа дека овој закон нема да се носи со европско знаменце и дека лично тој е против можноста од злоупотреба на европското знаме за носење на закони. ВМРО ДПМНЕ да не зазема став на празно, кога се информирани уште од првиот ден за сите детали. Законот за амнестија е ист како оној од 2018 година, со истите кривични дела за кои не е предвидена амнестија. Тој закон беше потпишан и поддржан од ВМРО ДПМНЕ. Колку и да сака ВМРО ДПМНЕ да амнестира свои поранешни избрани и именувани лица, таков закон нема да има, се соопштија од Министерството за правда.
Во однос на најавите за напуштање на Парламентот од страна на пратениците на ВМРО- ДПМНЕ, како што се посочуваат од Министерството за правда, тоа е добредојдена вест за граѓаните на државава.
-Немањето став за битни прашања и политиките на блокада подобро се изразуваат со напуштање на Собранието и тоа е гест за поздравување од наша страна. Можеби, господинот Христијан Мицкоски вака сака да и помогне на татковината со отворање простор за изгласување на уставните измени и отворање на патот кон ЕУ, се посочува во соопштението од Министерството за правда.
Откако Предлог законот за амнестија помина на владина седница, Министерството за правда најави дека ќе го достави до Собранието и посочи дека очекува поддршка од сите пратеници за законското решение, чија цел, според нив, е да се овозможи ресоцијализација на сторителите на кривични дела и растеретување во казнено-поправните установи со оглед на фактот што состојбата таму во изминатиот период е алармантна, а тоа беше потенцирано во бројни меѓународни извештаи како и од Комитетот против тортура во рамките на Советот на Европа.
Со законот се предлага лицата на кои им е изречена казна затвор до шест месеци потполно да се ослободат од издржување на казната. Осудените лица на кои им е изречена казна затвор над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30 проценти од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.
Од вкупно 2 114 затвореници низ државата со новиот Предлог закон за амнестија целосно се ослободуваат 286 лица, а делумно ослободување од ефектот на 30 проценти добиваат 996 затвореници, изјави министерот за правда, Кренар Лога, на брифинг со медиумите.
Како што кажа министерот, оваа бројка се однесува на лицата кои што се веќе сместени во затворите низ државава, додека, за оние 2 813 кои чекаат да влезат во затвор ќе има дополнителен список од Управата за извршување санкции.