Со скратена постапка во собраниска процедура влезе предлог-законот за амнестија. Со него, ако биде донесен, се планира 286 лица да добијат целосна слобода, а делумна слобода 960 други. Иницијативата е веќе доставена до пратениците, но сè уште не се знае кога ќе се најде на дневен ред за разгледување. Премиерот Димитар Ковачевски вели дека различните мислења за законот се основа за инклузивна дебата во Собранието и негира дека законот фаворизира одредени лица.
Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски денеска го коментираше воздржаниот став на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој рече дека законот за амнестија нема да го реши проблемот со пренатрупаноста на затворите. Мицкоски вели дека со законот се амнестираат осудени на тешки кривични дела.
Од Движењето Беса не го поддржуваат начинот на предлагање на законот. Според нив, во моментов целта е само да се искористат политичките поени од власта.
„Сметаме дека во затворите во Македонија има многу луѓе кои се неправедно судени и не треба да бидат таму. Заинтересирани сме да има закон за амнестија, но моментот и причината зошто денес и зошто законот за амнестија сега се праќа по скратена постапка е погрешен. Целта се политички калкулации како што беа и измените на Кривичниот законик. Во овој момент и во оваа форма каков што е поднесен законот за амнестија, нема да го поддржиме“, рече Касами.
Сè уште нема официјални информации кој всушност ќе биде помилуван, но законот само ги нагласува делата за кои казната е намалена или за кои осуденикот ќе биде целосно амнестиран. Надлежните велат дека тука не спаѓаат лицата кои ја злоупотребиле службената должност, туку целта била намалување на бројот на затвореници за да се подобрат условите за останатите.