Работните групи на власта и опозицијата денеска не успеаја да се усогласат околу Законот за јавното обвинителство со кој треба да се реши и идниот статус на СЈО.
Министерката Дескоска по состанокот истакна дека ВМРО-ДПМНЕ го прекршила првиот договор што го направивме, а тоа било на денешниот состанок да имаат доставени конкретни амандмани со кои би се подобрил законскиот текст ако има простор за тоа.
-Наместо тоа, добивме еден материјал во којшто наведоа меѓународни документи коишто наводно не биле имплементирани. Сите документи коишто се наведени во она што го достави ВМРО-ДПМНЕ, а кои се однесуваат на ЈО се имплементирани во овој закон, дел се имплементирани во Законот за кривична постапка, а дел се имплементирани во Кодексот на јавните обвинители. Има и еден документ којшто тие го наведуваат којшто воопшто не се однесува на ЈО, туку се однесува на јавни службеници и во него изрично стои дека тој не се однесува на какви било органи во рамките на судството, изјави Дескоска.
Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ по состанокот истакна дека на денешната средба биле наброени три точки за имплементација на 15 резолуции што треба да бидат прифатени во овој закон, а, кои, како што рече, се по меѓународни стандарди.
-Ние би сакале прво да слушнеме од министерката за правда дека ги прифаќа принципите и начелата коишто ги предложивме, дека ги прифаќа и оние коишто се востановени како судска пракса од Судот за човекови права во Стразбур и во тој дел веднаш би биле спремни она што претходно го дадовме како 120 страници забелешки да помогнеме тие Министерството да ги инкорпорира во законскиот текст. Значи, ние цениме дека секој обвинител којшто во моментов работи во СЈО треба да има еднакво право како секој обвинител којшто во моментов работи во Основно или во Републичко обвинителство да конкурира и според мерит-систем на вредности да биде избран или да не биде избран како дел од тоа специјално одделение во државното обвинителство, рече Милошоски.
Од ДУИ, која е дел од владеачката коалиција, велат дека го прифаќаат законот каков што е предложен од Министерството за правда.
-Напорите за постигнување на консензуално решение по тој текст на Предлог-законот треба да продолжат и убеден сум дека и опозицијата ќе се најде себеси во нашите конструктивни напори да го усвоиме законот и да обезбедиме непречен пристап кон датумот за отпочнување на преговори со ЕУ во јуни. Се надевам дека во следните денови опозицијата ќе достави амандмани по тој закон и заеднички како коалициски партнери ќе пристапиме до амандманска расправа за да ги видиме нивните ставови по конкретните членови на Предлог-законот за јавно обвинителство, изјави Груби.
Бидејќи засега нема договор за овој закон, на прашањето дали тука ќе биде потребна дипломатска интервенција со оглед дека овој закон е еден од клучните за добивање позитивна препорака за земјава, министерката Дескоска истакна дека не се исклучува „секоја помош што е добронамерна за доброто на иднината“.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера достави до Министерството за правда три принципи кои ќе инсистираат да се имплементираат во Предлог законот за Jавно обвинителство – целосна имплементација на меѓународните стандарди кои се однесуваат на Обвинителството и на обвинителите, заштита на основните човекови права и независност, неутралност, отчетност, ефикасност и ефективност во борбата против криминалот.
Од Министерството за правда вчера излегоа со оценка дека со досегашниот несериозен однос во процесот на носење на законот за Јавното обвинителство, ВМРО-ДПМНЕ покажала дека амнестијата на сторители на сериозни кривични дела од редовите на нивната партија им е поважна цел од европската иднина на граѓаните.
Владејачкото мнозинство очекува законот за јавното обвинителство да биде донесен до крајот на март, односно пред почетокот на кампањата за претседатеските избори. Тоа е и еден од условите за отворање на преговорите со ЕУ во јуни.