Александар Грушко, заменикот на министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров и неколку претставници на тоа Министерство синоќа присуствуваа на хуманитарен концерт во Белград, јави дописникот на МИА од Белград.
Концертот во Рускиот дом во Белград насловен како „Српско срце – ранета словенска Србија“ се одржа „како гест на волјата на српскиот народ да им помогне на жртвите во Донбас“, пишуваат српските медиуми.
Заедно со Грушков, на хуманитарниот концерт присуствуваа и амбасадорот на Руската Федерација во Белград Александар Боцан-Харченко и повеќе претставници на руското Министерство за надворешни работи.
Со видео врска од Луганск, Ана Сорока, советничка на лидерот на т.н. Луганска Народна Република, се заблагодари на организирањето на концертот на „Друштвото на православните жени на Србија“.
Србија не го признава анектирањето од Русија на четирите украински региони и официјален Белград го поддржува територијарниот интегритет и суверенитет на Украина, но досега се нема усогласено со санкциите на ЕУ кон Русија поради нејзината воена агресија на Украина.