Викендов, собраниските служби ги објавија биографиите на замениците министри, предложени од Зоран Заев. На листата има лица со многу интересно минато и занимања од кои дел соодетствуваат, а дел не, со заменичките позиции кои треба да ги заземат, доколку бидат изгласани од пратениците, пишува Република.
Така на пример, Башким Хасани, професор по физичко воспитување ќе треба својата умешност да ја докаже преку заменичката позиција во Министерството за одбрана. Но тоа не е ништо ново, со оглед на тоа дека тој со ова образование досега бил заменик директор на Финансиска полиција.
Од претседател на одборот на директори на Телеком, Назим Буши треба да оди на заменичкото место во Министерството за внатрешни работи. Неговата биографија говори дека Буши завршил воена академија во Задар и Педагошки факултет во Скопје.
Професорот на Тетовскиот универзитет Агим Нухиу два пати досега заменик и министер за внатрешни работи отсега ќе дели правда, како заменик министер во Министерството за правда.
Илхан Рахман од турската заедница, инаку дипломиран политиколог, е предложен за заменик министер за политички систем и односи меѓу заедниците.
Професорката пак по англиски јазик од ДПА, Фатмире Исаки е предложена за заменик на министерот Бујар Османи во Министерството за надворешни работи.
Димитар Ковачевски, вонреден професор на Американ колеџ Скопје, поранешен директор во Телеком и во ВИП е предложен за заменик-министер за финансии.
Економистот Зоран Маневски, поранешен државен секретар во транспорт и врски и во економија, е предлог за заменик-министерското место во Министерството за економија, а досегашниот министер за земјоделие, земјоделскиот инженер Трајан Димковски станува заменик министер во истиот ресор.
Лекарот Илир Хасани, врвен стручњак во трауматологијата, поранешен директор на Ургентниот центар и на Клиниката за трауматологија, асистент на Медицинскиот факултет, ќе биде заменик министер за здравство.
Арафат Шабани, професор по педагошка психологија, поранешен декан на Тетовскиот универзитет е предложен за заменик-министер за образование и наука.
Енвер Хусејин од Турската демократска партија, дипломиран наставник по одделенска настава, кој бил поранешен државен секретар во Министерството за труд и социјална политика доаѓа на заменичкото место во овој ресор.
Долгогодишниот новинар и уредник Зоран Димитровски, кадар на Демократскиот сојуз е предложен за заменик на министерот кој раководи со Министерството за локална самоуправа. Александар Бајдевски, економист, останува на местото заменик-министер за информатичко општество и администрација.
Седат Сулејмани, кој дипломирал општествени науки и работел во приватен бизнис, е предложен за заменик-министер во ресорот култура. Во биографијата, во социокултурни активности навел дека е основач на невладини организации за култура и уметност и менаџер на проект „Братството не бира граници“ и „Традиционални уметнички ракотворби“ во соработка со две општини од Турција.
Беким Реџепи, дипломиран правник ќе биде заменик на министерот кој раководи со Министерството за транспорт и врски.
Христина Оџаклиеска, доктор по географски науки е планер за заштита на животната средина и природното наследство, предложена е за заменик министер за животна средина и просторно планирање, како кадар на партијата ДОМ.