Хрватската изборна комисија соопшти денеска дека нејзината одлука да им забрани на граѓаните на кои им е дијагностициран Ковид-19 гласање на парламентарните избори е во согласност со законот и служи за легитимна цел, а тоа е да се заштити здравјето на граѓаните од заразни болести.
На 1 јули Изборната комисија делумно ги смени препораките за излез на гласање, но клучната одредба за забрана за гласање за оние заразени со коронавирус остана.
Комисијата исто така препорача граѓаните да ја измерат својата температура во недела наутро, и дека доколку имаат повисока од 37,2 степени и доколку имаат респираторни симптоми карактеристични за Ковид-19, треба да се јават кај својот лекар.
„Секоја друга, поблага мерка што би се обидела да ја постигне оваа цел, би го загрозила здравјето на граѓаните и веруваме дека во овој случај не можеме да зборуваме за „понизок или повисок степен“ на штета за граѓаните“, велат од Комисијата во одговор на невладината организација, Гонг, која ја доведе во прашање уставноста на нејзината одлука за забрана на гласање од страна на оние заразени со коронавирусот.
Во одбрана на својата одлука, Комисијата соопшти дека нејзина обврска е да се обезбеди право на здравје на сите членови на избирачкиот одбор, како и на гласачите, и дека заштитата на членовите кои би контактирале заразените „не може да се обезбеди со маска и нараквици“, јавија хртаватски медиуми.
Инфицираните нема да можат да гласаат на парламентарните избори затоа што на нив им е изречена мерка – изолација, што вклучува забрана за физички контакт со други лица, вклучително и членови на избирачките места.