Да се тргне целокупната градежна механизација од сртот на Водно додека не се реши проблемот и Владата да излезе со официјален став за проектот, побараа на денешната прес-конференција пред Град Скопје од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“.
Тие апелираат Владата да го стопира издаденото одобрение за градба, да се изработи нова оценка на влијанието на изведбата на гасоводната делница врз животната средина во заштитената парк шума Водно и да се промени изборот на трасата.
Татијана Стојановска, од граѓанската иницијатива, рече дека бараат официјален став од Владата.
– За се друго, ќе сметаме дека Владата донела некое решение, со кое под притисок ги игнорираат одредени засегнати страни. Еднострано одлучуваат да продолжат, а со тоа најмногу ќе бидат засегнати граѓаните, изјави Стојановска.
Според нивни сознанијата од работната група формирана од Владата, посочи Стојановска, биле разгледувани пет траси од кои четири минуваат низ северната страна, а една од јужната, односно низ Водно.
– Според нас не може никако да се земе дека финансискиот и временски аспект се над деградацијата на нашето природно богатство. Мора да се ревидира и направи една добра анализа изборот на трасата дали мора да биде од јужната страна или има опции да се изведе од северната страна, изјави Стојановска.
Посочи дека АД Македонски енергетски ресурси (МЕР), кои ја градат гасоводната делница 5, според нив ги имаат обезбедено скоро сите потребни документи, но немаат документ што дава дозвола за работа во заштитено подрачје.
– МЕР имаат документ со кој се оценува влијанието врз животната средина, но таа оценка е одобрена од Министерство за животна средина и просторно планирање 2011 година и во неа не е специфирано за влијанието врз животна средина во заштитено подрачје и количината на шумски предел што ќе биде оштетен. Многу е општа самата студија, а е прифатена од Министерството за животна средина и е одобрена. Таква една студија за влијание врз животна средина е одобрена од истото Министерство и за патот кон „Сончев град“, а знаеме какви последици и проблеми имаше, изјави Стојановска. аа/дма/12:44