Возачи во Калифорнија останале шокирани по патиштата, бидејќи минатиот викенд имало неколку случаи на возачи кои спиеле зад волани на „Тесла”, додека автомобилите биле управувани од авто-пилоти.
На снимката објавена во „Редит“ пред неколку дена се гледа како бел автомобил „Тесла” полека се движи по патот, додека нејзиниот возач цврсто спие.
„Не можев да поверувам. Тој спиеше во текот на шпицот во заливската област на Сан Франциско “, напиша корисникот кој го направил видеото.
Тој вели дека другите возачи постојано се обидувале да го разбудат и дека успеале неколку пати, но веднаш потоа возачот повторно потонувал во сон.
Дека ова е проблем, кој не е ограничен само на еден неодговорен возач, се покажа повторно за време на викендот, кога Шон Миладинович снимил уште еден возач како спие во „Тесла” на автопатот 405.
Миладинович вели дека го забележал возачот во областа Оранџ и повикал сообраќајната полиција. Околу 45 километри подоцна на патот од Сан Клименте до Сан Педро, Миладинович истакнува дека возачот и натаму спиел.
„Сфатив дека цврсто спие. Затворени очи, рацете ни близу до воланот”, изјави Миладинович за Ен-Би-Си.
И покрај фактот што системот за авто-пилот има напредни безбедносни опции, тимот на Тесла истакнува дека не е „самовозечки систем”.
„Авто пилотот е дизајниран да се користи кога возачот е во целост буден, кој ги држи рацете на волан и е подготвен да го преземе возењето во секој момент. Додека користите авто-пилот, вашата должност е да останете претпазливи и да имате контрола над автомобилот “, соопшти компанијата.