Основното јавно обвинителство Скопје одлучи да не ги гони поранешните директори на Фондот за здравствено осигурување за случајот со смртта на малата Тамара Димовска од Велес.
Денеска го повлече обвинението против тројцата обвинети, Маја Парнарџиева Змејкова и Џемали Мехази како директори на Фондот во тоа време и Елена Трпковска како претседател на управниот одбор кои ги товареше за злоупотреба на службената положба.
За останатите деветмина обвинети доктори кои во тоа време беа членови на комисиите во Фондот и одлучуваа за лекувањата во странство исто така го преиначи делото.
На денешната јавна расправа, при давање завршни зборови, основниот јавен обвинител Анел Фидовски, направи правна преквалификација, односно промена на обвинителениот предлог, а за тројца обвинети се откажа од кривично гонење. Имено, јавниот обвинител се откажа од кривично гонење за директорите на Фондот за здравствено осигурување на РСМ и претседателката на управниот одбор на Фондот, затоа што смета дека тие немаат кривична одговорност како службени и одговорни лица во правното лице.
За останатите обвинети, членови на првостепена и второстепена комисија, обвинителството направи правна преквалификација и наместо член 353 в од Кривичниот закон ,,Несовесно работење во службата”, кривичното дело го преквалификува во член 86-б од Законот за здравствено осигурување., велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Со оваа преквалификација која ја направи основниот јавен обвинител на завршните зборови во случајот Тамара, настапи апсолутна застареност за кривично гонење.
Малата Тамара почина во февруари 2015 година поради тежок деформитет на рбетниот столб, додека институциите решаваа каде таа ќе се лекува.
Големата семејна трагедија и смртта на малата Тамара, максимално и некрофилски беше искристена во тогашната тн. шарена револуција, со која тогаш опозицискиот СДСМ „го уриваше режимот“ и дојдоа на власт.