36 предмети кои се во Кривичниот суд ќе бидат засегнати со новиот Кривичен законик… Од нив 21 се предмети на поранешното СЈО.
По критиките упатени на адреса на судската власт дека неефикасноста и одолговлекувањето на постапките доведе до застарување во повеќе предмети, првиот човек на скопскиот кривичен суд, Иван Џолев апелира да престане да се вперува прстот во судството. На брифинг со новинарите кажа дека се манипулира со бројки дека судења траеле по седум, осум години, а токму измените на Кривичниот законик, вели, се главен проблем за застарувањето на предметите. Смета дека требало да се внимава на тајмингот кога тие измени ќе се донесат.
„ Она што како фела го анализираме е дека требало да се внимава на тајмингот кога тие измени требало да се случат. Тајмингот за многу работи е важен и ако станува збор за усогласување со ЕУ, во спротивно може да бидат контрапродуктивни. Во случајов имаше многу застарени предмети кои беа во финална фаза, дали требаше да се почека, не знам, рече тој.
Според статистиката на Кривичниот суд, извадена од АКМИС системот таму се водат вкупно 36 предмети со 197 обвинители лица на кои им се суди по членот 353 „злоупотреба на службената положба и овластување“, кој со новите измени беше избришан. Сепак, колку од нив ќе застарат зависи дали обвинителството ќе направи преквалификацијата на делото.
Кривичниот суд, вели Џолев, во брзо време ги има завршено постапките додека Апелација не одлучувала мериторно, голем број од предметите ги држела со месеци, па и со години. Според нивната статистика предметот за настаните од 27 април бил во Апелација 1 година и 3 месеци, „Топлик“ една година, а „Рекет 2“, се уште е таму од минатата година.
„Првиот предмет на Специјалното јавно обвинителство е процесуиран во 2018 година. Математиката е дека од тогаш поминале пет години и шест месеци, а не седум, осум, девет години. За најголем дел од тие предмети имало барем по една првостепена пресуда во Кривичниот суд, а за неколку и по две. Апелираме за мериторно одлучување на Апелациониот суд, кажа Џолев.
Тој ја искоментира и анкетната комисија за случајот Онкологија која се формираше во собранието. Смета дека во време кога обвинителството води активна истрага за случајот, тоа е опструкција и го контаминира целиот процес.