Апелацискиот суд во Париз ги потврди затворските казни изречени на првостепениот суд за поранешните градоначалници на парискиот регион Левалоа Пере, Патрик и Изабел Балкани поради затајување данок, јави дописникот на МИА.

Апелацискиот суд ги осуди Патрик Балкани и Изабел Балкани, соодветно на казна од по четири години затвор, од која една година условна казна и три години затвор, без налози за апсење и одземање на правото двајцата да бидат избирани во следните десет години. Ова се случува само неколку седмици по ослободувањето од затворот на Патрик Балкани поради „здравствени причини“.

Во својата пресуда, Апелацискиот суд го истакна намерното прикривање на вредноста на недвижностите и финансиските средства што ги поседуваат Балкани, со цел да се избегне плажањето данок на доход, данок на богатство и исклучителниот придонес за богатството. Даночно затајување, чија тежина беше потенцирана од судот со оглед на тоа дека двајцата биле избрани политичари, „претставници на нацијата“ и „чувари на јавната доверба“, Судот нагласи дека тие биле свесени за „потребата од јавни ресурси за да се спроведат проекти од општ интерес“.

Однесувањето на брачната двојка. исто така, беше причина за тешката казна, бидејќи обвинетите, како што забележале судиите, „покажале отсуство на жалење, како и залуден обид за минимизирање на тежината на сторените дела. Двојката, сепак, избегна затвор, „заради моменталната здравствена состојба на осуденикот.“

Сопружниците Балкани чекаат уште една пресуда од судот во делот „за перење пари од даночно затајување“ во оваа политичко-финансиска афера.

Во моментов во Франција им се суди на поранешниот премиер Франсоа Фијон и неговата сопруга, за фиктивно-лажно вработување како асистентка.

МИА