Заврши изградбата на браната Конско – најголемиот водостопански проект изграден во државава последниве 20 години и најголем инфрaструктурен проект во последниве 50 години во гевгелискиот регион. Проектот вреден 40 милиони евра, беше финансиран од буџетот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, известува Телма.
Со браната се обезбедува потребниот капацитет за наводнување на годишно ниво, а акумулацијата ќе се користи и за развој на руралниот туризам, за спортски и рекреативен риболов. Во проектот се вклучени и ново вештачко езеро-акумулација и нов систем за наводнување со кој се опфатени околу 6.500 хектари земјоделски површини.
Со грант од Кралството Шпанија, предвидена е изградба на пловечки фотоволтаици со што ќе се намали цената на водата за наводнување, а ќе се зголеми енергетската независност на државата. Планирани се и 2 мали хидро централи во рамките на хидросистемот.
Покрај министерот за земјоделие, Љупчо Николовски и директорот на турската команија која што градеше, на настанот се појавија и двајцата поранешни премиери, Зоран Заев и Димитар Ковачевски, поранешниот прв човек во МВР, Оливер Спасовски, како и актуелниот претседател и претседателски кандидат, Пендаровски.