Преку ДНК анализи идентификувани се 14 лица коишто загинаа во пожарот. На обдукција е донесено и телото на помлада пациентка којашто починала непосредно пред пожарот, објави Дојче веле.
Заврши обдукцијата на 15 тела донесени од болницата во Тетово, по пожарот којшто завчера ја пеплоса модуларната болница во којашто се лекуваат заболени од Ковид-19.
– Со помош на ДНК анализи идентификувани се телата на 14-мина коишто настрадаа во пожарот, а извршена е обдукција и на помлада пациентка, чие што тело дополнително е донесено во Институтот за судска медицина, вели првиот човек на Институтот за судска медицина, Александар Станков за ДВ.
Во текот на денот се очекува телата да им бидат предадени на семејствата на починатите.
Станков вели дека обдукцијата поминала со примена на најпрофесионалните стандарди, и со посебни ковид протоколи и заштита, поради специфичните околности во кои се работи за време на пандемијата. Тој не изнесува детали во однос на тоа во каква состојба биле донесени телата на починатите, но вели дека при обдукцијата тимот лекари не се соочиле со проблеми за нивна идентификација.
-Најспецифично за време на обдукцијата беше тоа што станува збор за болни од Ковид-19, за коишто мора да се применуваат посебни протоколи и мерки за заштита. Но, ние во такви околности работиме веќе две години, додава Станков.
Истрагата продолжува. Идентификацијата на телата е извршена со помош на роднините на починатите, МВР и Одделот за потраги.