Основното јавно обвинителство информира дека е извршен увид на местото на сообраќајната несреќа кај селото Другово во која денеска загина 28-годишен мотоциклист и дека се работи на утврдување на причините.
На магистралниот пат кон Охрид, во близина на село Другово, денеска се случи сообраќајна незгода меѓу товарно моторно возило „мерцедес“ со регистарски ознаки од Струмица и мотоцикл „сузуки“ без регистарски ознаки, управуван од 28-годишно лице. Од ударот, мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди и починал на пат кон медицинска установа во Скопје.
– Од страна на дежурниот јавен обвинител во содејство со увидна екипа на Секторот за внатрешни работи Кичево извршен е увид на местото на настанот. Притоа се фиксирани пронајдените траги и предмети. Надлежниот јавен обвинител издаде Наредба за проверка на крв кај возачот на товарното моторно возило и за обдукција на починатото лице. Извршена е и фотодокументација на местото на настанот, се вели во соопштението од ОЈО.
Од ОЈО информираат дека основното јавно обвинителство Кичево во континуитет презема и други дејствија во насока на утврдување на фактите во предметот.