На армискиот полигон „Криволак“ денеска од страна на припадниците на Баталјонот за специјални сили и специјалните сили на Армијата на САД за Европа беа прикажани дел од завршните активности на вежбата „Trojan Footprint 21“.

На настанот присуствуваа началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнс.

Како што соопштија од Министерството за одбрана, во досегашниот тек на вежбата од припадниците на Баталјонот за специјални сили и специјалните сили на Армијата на САД за Европа се прикажала интероперабилноста меѓу сојузниците при изведување на специјални операции на копно со поддршка на воени воздухоплови.

На денешната вежба за првпат беа прикажани и можностите на авионот АС-130, од состав на военото воздухопловство на САД.

Од Министерството посочуваат дека вежбата „Trojan Footprint 21“ се изведува од 4 до 14 мај во нашата држава, во Романија, Бугарија, Црна Гора и Грузија и во издвоени активности учествуваат десет НАТО и партнерски армии, и има за цел да ги подобрува способностите на НАТО и партнерските нации за изведување на операции на специјалните сили во координација со конвенционалните сили, ја зголемува интероперабилноста, меѓусебните односи и довербата помеѓу сојузничките армии а со тоа се зголемува и безбедноста во Европа.

Вежбата „Trojan Footprint 21“ е во склоп на големата вежба на НАТО под раководство на Армијата на САД за Европа – “Defender Europe 21“ чии активности се изведуваат во 16 земји на Европа, а во нејзин состав ќе биде и вежбата „Одлучен удар 21“, која ќе се изведува на армискиот полигон „Криволак“ од 17 мај до 2 јуни.

2