Во израелските напади врз Појасот Газа беа убиени најмалку 30 лица, меѓу кои и шест деца, на пункт за собирање вода во неделата, соопштија локалните здравствени власти.
Службениците во болницата Ал-Авда во централна Газа изјавија дека примиле 10 тела по израелскиот напад врз пункт за собирање вода во Нусејрат, објави АП.
Шест деца се меѓу загинатите, соопшти болницата.
Рамадан Насар, сведок кој живее во областа, изјави за американската новинска агенција дека околу 20 деца и 14 возрасни стоеле во ред за да наполнат вода утрово. Кога се случил нападот, сите почнале да трчаат, а некои паднале на земја, вклучувајќи ги и оние кои биле сериозно повредени, рече тој.
Тој рече дека Палестинците оделе околу два километри за да донесат вода од областа.
Здравствените власти изјавија дека во посебен израелски напад била погодена група цивили кои оделе по улица во центарот на градот Газа, при што загинале 11 лица, а околу 30 биле ранети.
Д-р Ахмед Кандил, специјалист по општа и лапароскопска хирургија, е меѓу загинатите, соопшти Министерството за здравство на Газа.
Портпаролот на министерството, Захер ал-Вахиди, изјави за АП дека Кандил бил на пат кон арапската баптистичка болница Ал-Ахли кога се случил нападот. Според Вахиди, сите тела и повредените биле однесени во болницата Ал-Ахли.
Во меѓувреме, во централниот град Заваида, во Појасот Газа, во израелски напад врз куќа загинаа девет лица, меѓу кои две жени и три деца, соопштија официјални лица од Болницата Ал-Акса Мартири.
Израелската војска соопшти дека во последните 24 часа нападнала повеќе од 150 цели, но не коментираше директно за конкретни напади. Израел го обвинува Хамас за цивилните жртви бидејќи тврди дека милитантната група дејствува од населени подрачја.