„Здравството на протест за плати”. Под овој слоган здравствените работници од јавното здравство утре ќе протестираат пред Министерството за време на паузата од 10 -10.30 часот. Во останатиот период болниците и клиниките ќе работат нормално. Од двата најголеми синдикати, гранковиот за здравство при ССМ и синдикатот на клинички со подршка на КСС велат дека целта на протестот е да испратат две пораки.
– Прво ќе искажеме незадоволство зошто не се потпиша анексот на колективниот договор пред распишувањето на изборите со кој требаше здравствените работници да имаат поголеми плати веќе со мартовската плата и повик за потпишување на анексот веднаш по формирањето на новата Влада со корекција на претходно договорените коефициенти, изјави д-р Љубиша Каранфиловски, претседател на самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита при ССМ.
Организаторите на утрешниот протест ќе упатат и предлог до политичките партии во овој предизборен период да седнат на заедничка маса и да ги слушнат барањата на здравствените работници преку синдикатите пред се за поголеми плати и подобување на условите за подобро здравство.