МИТКО ЧАВКОВ СПРОВЕДЕН ОД КПУ ЗАТВОР ШТИП ЗА ПОВТОРНО СВЕДОЧЕЊЕ ЗА ПРЕДМЕТОТ „ТОРТУРА“
Во Кривичниот суд Скопје денес се одржа ново рочиште за предметот „Тортура“ кој го води Судијката Александра Ристеска а застапник на обвинението е Јавниот обвинител Љубомир Лапе.
На денешното рочиште сите странки беа навреме пристигнати и ги почитуваа мерките за заштита одржувајќи меѓусебно растојание и користеа заштитни маски на лицето.
Во судницата беа присутни двајца сведоци на обвинителството.
Првиот сведок кој пристапи кон судот беше поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков кој беше навреме спроведен од КПУ Затвор Штип.
Судот ги прочита неговите генералии пред неговото денешно сведочење за да се констатира доколку има промена во податоците од претходниот записник на ден 10.05.2019 година , единствено што сведокот додаде како „корекција“кон судот во делот каде се наведува како државјанин на РСМ, беше изјавата дека тој бил државјанин на РМ додавајќи,
-Јас се изразив како државјанин на РМ.
На прашање на обвинителот Лапе дали тој останува во целост на својот претходно даден исказ пред овој суд на записник од 10.05.2019 сведокот одговори дека не се сеќава и истиот побара да му биде прочитан додавајќи,
-Не се сеќавам, после три години системска тортура, може да ми прочитате.
По дадената согласност од одбраната исказот го читаше Судијката Ристеска.
Како тогашен Началник на одделението за организиран криминал, во времето на овој кривично правен настан тој на повеќето поставени прашања ги давал одговорите „Не знам, не се сеќавам“, ниту за ПИ мерките ниту пак за тоа дали документирањето на случајот за кој потврди дека бил документиран, тој сепак не знаел дали истото било од страна на БЈБ или УБК.
Сведокот во исказот изјавил дека не се сеќава кој издал Наредба за лишување од слобода на лицето Љубе Бошковски.
И на поставените прашања од страна на Судот сведокот одговорил со „Не можам да се сетам“.
По читањето на исказот обвинителот го праша сведокот дали останува во целост на истиот, тој потврди но и додаде дека од тогашниот надлежен обвинител можеле да се добијат сите потребни информации за случајот и како што наведе ЈО го водел случајот и најмногу било запознаено со ПИ мерките.
Одбраната немаше вкрстени прашања за сведокот исто како и на претходниот записник од 10.05.2019 година.
Вториот сведок кој пристапи кон судот беше лицето Жарко Спасевски, вработен во МВР, во секторот за економски криминал и корупција.
На прашање на обвинителот Лапе дали тој останува во целост на својот претходно даден исказ пред овој суд на записник од 22.05.2019 година сведокот се изјасни дека во целост останува на истиот и по дадената согласност од одбраната судот пристапи со читање на исказот.
Сведокот во исказот изјавил дека за апсењето на Бошковски бил телефонски известен од неговиот претпоставен, Митко Чавков но дека не му било познато кој издал наредба за апсење и дека снимањето не се вршело од неговиот сектор кој воопшто и не поседувал таква опрема.
Судот побара согласност од одбраната за читање на исказите за двајцата сведоци Роберт Николов и Владимир Крстевски кои и на ова рочиште не се појавија во судницата се со цел за економичност на постапката но одбраната овој предлог на судот не го прифати и побараа време до следното закажано рочиште на кое би го изнеле својот став.
Од нашиот секојдневен судски мониторинг во кривичниот суд може да констатираме дека закажувањето на термини за главна расправа НЕ СЕ ПРИМЕНУВА СО ЕДНАКОВ ПРИСТАП КОН ОБВИНЕТИТЕ во предметите кои ги следиме.
Имено, во предметите каде обвинет е лицето Миле Јанакиески термините за главни расправи се закажуваат секојдневно и обвинетиот нема доволно време за подготовка на својата одбрана, додека во предметите каде обвинет е лицето Сашо Мијалков истите се закажуваат многу ретко а често и по барање на обвинетиот со одреден датум кој е за него прилагодлив.
Ваквата СЕЛЕКТИВНОСТ и ПРИВИЛЕГИРАНОСТ при одредување на термините за рочишта доведува до ПОВРЕДА НА ПРАВОТО НА ОДБРАНА И ПРАВОТО НА ЕДНАКВОСТ НА ОРУЖЈАТА на обвинетите кои би требало да имаат еднаков третман пред Судот и истите да имаат доволно време за подготвување на својата одбрана.
Како пример можеме да го посочиме токму денешното рочиште каде што Судијката Ристеска наведе датум за главна расправа на 7 октомври, одбраната на Сашо Мијалков побара од Судот овој датум да биде пролонгиран иако за истиот немаат закажано друго рочиште туку наведоа дека сакаат слободен ден а Судот истото го одобри.
Повторно ќе направиме споредба каде што обвинетиот Миле Јанакиески секојдневно пред Судечкиот совет во различни предмети замолува и укажува дека нема ниту еден слободен ден во текот на месецот а со тоа му се ускратува правото на одбрана ако се земе во обзир дека тековните расправи во сите предмети се во фаза на сослушување на сведоци и истите траат подолго сепак Судиите не го намалуваат темпото на новите термини за рочишта кон овој обвинет.
Судијката Ристеска на денешната главна расправа одреди само по два термина за предметот „Тортура“ за месец октомври и ноември.
Следното рочиште е закажано за 01.10.2020 година во 10 часот на кое ќе бидат повикани сведоците Јордан Камчев, Оливера Трајковска, Роберт Николов и Владимир Крстевски како последни од листата на сведоци предложени од обвинителството.
Во овој предмет обвинети се :
-поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот прв човек на единицата “АЛФА” Ивица Анчевски-Пуки, и петмина припадници на Алфите, Новица Станковски, Филип Атанасов, Петар Милошевски, Јован Боцевски и Метуш Шабани.
Според обвинението им се суди за мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување за начинот на лишување од слобода на лидерот на политичката партија “Обединети за Македонија”, Љубе Бошковски на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори.
ЗЕЛЕНА ЛУПА ИНФОРМИРА А ЈАВНОСТА НЕКА ЦЕНИ.