Македонското здружение на млади правници смета дека со Предлог измените на Законот за државјанство, кои денеска се на второ читање во Собранието, нема да се решат проблемот на лицата без државјанство во Република Македонија и бара итно свикување на јавна расправа.
-Денеска пред пратениците се наоѓа Предлог-законот за измени и дополнувањата на Законот за државјанството на Република Македонија, второ читање, по скратена постапка. Текстот на законот е подготвен во нетранспарентна процедура без увид на јавноста и без можност за какви било коментари, мислења и предлози. Македонското здружение на млади правници како организација која повеќе од 10 години работи на намалување и искоренување на бездржавјанството во Република С. Македонија, достави барање до претседателот на Собранието Талат Џафери за итно свикување на јавна седница на која ќе се произнесе стручната јавност, информираат од здружението на млади правници.
Тие сметаат дека начинот на кој што е формулиран предлог-законот е непрецизен и не го решава во целост проблемот на лицата без државјанство, кои се заштитени согласно меѓународното право и конвенциите наведени како извори за донесување на овој закон, а дел од предложените решенија се спротивни на текстот на овие конвенции.
-Конвенциите на ОН за бездржавјанство и Европската конвенција за државјанство се однесуваат на добивање на државјанство на оние лица кои немаат државјанство. Прашањето за двојно државјанство согласно Европската конвенција за државјанство е предвидено само во поглед на деца родени во државата, а кои поседуваат државјанство на друга држава, како и за лицата кои склучуваат брак. Иако во јавните говори на предлагачите на законот се потенцира решавањето на бездржавјанството, во предлог законот никаде не се изрично споменати лицата без државјанство на кои би им се олеснила натурализацијата, како што се наведени во член 7-а од веќе постоечкиот Закон за државјанство, велат младите правници.
Тие сметаат дека предлог-законот ги става во понеповолна положба лицата кои се родени и живеат во Македонија целиот свој живот и немаат никакво државјанство, од оние лица кои по 1991 година се иселиле од земјава, имаат државјанство на друга земја, а ќе имаат можност да добијат државјанство на Република Македонија.
-Дополнително, во предлог законот не е уреден статусот на оние лица кои се родени по 1991 година како втора генерација лица без државјанство кои живеат во нашата држава, објаснуваат младите правници.
Според нив, доколку намерата на овој закон е да се намали или искорени бездржавјанството, тогаш се поставува прашањето зошто условот за законски престој од осум години за странци се намалува на седум години, а условот во членот 7-а за лицата без државјанство останува непроменет. Тие прашуваат зошто за лицата без државјанство согласно член 7-а не се воведени олеснителни околности за прием, како што е тоа направено во член 7 од новиот предлог закон.
-Доколку се изгласа овој предлог закон како што е предложен ќе биде уште една пропуштена шанса да се реши судбината на голем број на луѓе, наши соседи кои се родени тука, живеат тука и никогаш не ја напуштиле државата, а немаат државјанство на ниту една земја. Бараме донесување на закон со кој сите лица кои живеат на територија на Република С. Македонија, а се апатриди, односно немаат државјанство од ниту една друга земја, веднаш да добијат државјанство на Република С. Македонија со што ќе се отстрани бездржавјанството согласно меѓународните конвенции, велат од Здружението на млади правници.
Законот првично беше инициран од Алијансата за Албанците и од Алтернатива, а сега пред пратениците е поднесен од Владата со европско знаменце. Предлогот за измени и дополнувања на Законот за државјанство, поднесен од пратениците од Алијанса за Албанците и Алтернатива предвидува државјаните од поранешните југословенски републики, кои до независноста на 8 септември 1991 година живееле во Македонија, да можат да добијат македонско државјанство. Првичниот предлог даден од Алијанса и Алтернатива содржеше можност луѓето од поранешните југословенски републики кои останале да живеат во земјава и по осамостојувањето, а се уште немаат државјанство тоа да го направат во присуство на тројца сведоци. На ова се спротивставија останатите партии во Собранието, поради што лидерот на Алијансата, Зијадин Села прифати државјанството да се докажува и со документи.
Сегашниот предлог текст предвидува 16 критериуми, односно докази и тој што бара државјанство треба да достави барем еден доказ. Станува збор за извод од матичната книга на родени, доказ за завршено учебна година (свидетелство, уверение или диплома), доказ за заснован работен однос со М1 / М2 образец, работничка книшка.
Може да се поднесе и доказ за платен данок согласно законските регулативи кои во тој период важеле во земјава и тука спаќаат повеќе документи, односно доказ за платен, данок од личен доход на работниците, данок од личен доход од вршење земјоделска дејност, данок од личен доход од самостојно вршење на стопанска и професионална дејност, данок од надоместок од авторски права, патенти и технички унапредувања, данок на приходи од имот и имотни права, данок на имот и данок на наследство и подарок. Шестиот критериум е одлуката на даночниот обврзник од страна на Управата за јавни приходи. Потоа следи доказ за платена сметка за следниве услуги: електрична енергија, греење, вода, телефонски услуги.
Други критериуми или докази кои може да се приложат се патна исправа (пасош) издадена од поранешната СФРЈ или од земјава, лична карта издадена од поранешната СФРЈ или државава, лична карта за странци, здравствена книшка, извештај, потврда, отпусно писмо или друг документ со кој се докажува извршено лекување во јавни здравствени установи во Македонија, поседовен или имотен лист на име на барателот, штедна книшка за депонирање на заштеди во банка (правно лице) основана од Македонија согласно закон, други докази издадени од надлежни државни органи со кои ќе се потврди постојаното живеалиште на територијата на земјава и сведителствата кои се издадени од 1991 до 1998 година за лицата родени од 1984 година до 1991 година.
Со измените се кратат и годините на престој во државата потребни за добивање државјанство од осум на седум.