Здружението на приватни аптеки (ЗПАРМ) бара насоки за однесување на граѓаните при посета на аптеките и можност за континуирани набавки на заштитни маски, заштитни одела, средства за дезинфекција на раце и работни површини.
Тие во отворено писмо упатено до министерот за здравство Венко Филипче наведуваат дека треба да се објави соопштение за граѓаните да знаат како да се однесуваат при одење во аптека и што да очекуваат.
– Загриженоста е оправдана и произлегува од моменталниот недостиг на заштитни маски, заштитни одела и средства за дезинфекција на раце и работни површини. Недостигот е во толкава мера што не се однесува само на широката потрошувачка, туку и за нашата лична заштита. Ако ние, здравствените работници во аптеките не сме соодветно заштитени и ако само еден вработен во аптека се зарази, имајќи го предвид и моменталниот недостиг на кадар, аптеките нема да може да функционираат, велат од Здружението.
Додаваат дека континуирано ги следат активностите и во целост ги поддржуваат, како што велат, несебичните и навремените заложби и мерки на министерот Венко Филипче и Комисијата за заразни болести во насока на справување со коронавирусот.
– Ја поздравуваме и мерката за затворање на сите јавни објекти, освен аптеки и маркети. Ние аптеките, како дел од примарното јавно здравство со јавно-приватно партнерство и фармацевтите и фармацевтските техничари како здравствени работници, сме дирекно вклучени во системот на справување и спречување на ширењето на епидемијата, се вели во отвореното писмо од Здружението.