Ние, социјалдемократите, сме знаменосците на големите државнички одлуки, на големите државни идеи, рече вечерва генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ – Вардарски на трибината „Силно и одлучно кон иднината“ во Скопје.
– Ние сме весниците на прогресот, гласници на напредокот. Горди наследници на плеадите револуционери, преродбеници, просветители, илинденци, социјалисти и антифашисти. Горди корени на македонскиот пиреј низ историјата, како наследници на непокорот, како носители на факелот на слободата. Така било, така и ќе биде, рече Зечевиќ.
Генсекот на СДСМ изнесе многу пофалби за улогата на СДСМ од независноста до денес за, како што рече, државничките одлуки за иднината на земјата (Македонија з.н.) на која и го сменија вековното име.
Јавноста добро знае, но можеби треба да се потсети дека „наследниците на антифашистите“ дозволија отворање бугарски клубови со имиња на личности од фашистичкиот период или нивни соработници, како што се Цар Борис Трети во Охрид и Ванчо Михајлов во Битола.
(Д. Г.)