Жената е херој и има посебна симболика кога ова го говорам во Прилеп – Градот херој, затоа што жените-хероини од Народно ослободителната борба, беа рамноправни партизани и родољуби, храбри и пожртвувани, еднакви и силни, кои со пушки в рака беа на браникот на татковината, порача генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ Вардарски на Осмомартовскиот марш на Форумот на жени на СДСМ.
“Оваа саможртва е драгоцено наследство и нè задолжува сите нас многу повеќе да бидеме гласноговорници за родовата еднаквост. Треба повеќе да зборуваме и да делуваме за нашите секојдневни жени-хероини, знајни, но многу повеќе незнајни. Нив ги среќаваме дома, на работа, на улица, во продавница… тие се тие кои водат секојдневни човечки битки за себе, за семејството, за своите блиски. За жал, за нив малку се говори. Затоа, ние цврсто стоиме зад нив. Нашите политики стојад зад нив. Ние, социјалдемократите, сме нивниот глас, нивната поддршка, како што тие се наша инспирација и поддршка, секој ден“ истакна генералниот секретар.
Зечевиќ посочи дека СДСМ го слуша и цени гласот на жената и постојано работи на унапредување на родовата еднаквост.
„Конечно, ние жестоко верувааме во важноста на учеството и застапеност на жената во политичките процеси! Женските гласови мора да се слушнат во процесите на донесување одлуки на сите нивоа, од локална до централна власт. Ова значи зголемување на бројот на жени на избрани позиции и обезбедување дека нивните перспективи се сфаќаат сериозно. Сето ова, ние го спроведуваме во политиките на СДСМ како организациски и програмски стандарди. И постојано ги подигаме тие стандарди“ порача Зечевиќ.
Зечевиќ: Од Прилеп одекна женската сила, моќ и одлучност
Одовде од Прилеп одекна женската сила, моќ и одлучност, порача денеска генералниот секретар Миле Зечевиќ Вардарски на Маршот по повод 8 март во организација на Форумот на жени на СДСМ.
„На овој ден, уште еднаш ја потенцирам суштинската важност од женскиот активизам во Форумот на жени на СДСМ. Ја потенцирам вашата клучна улога во мобилизацијата на најдоброто од нас!
Ве повикувам со вашиот изострено чувство за политика, за развој и напредок, да дадете нов импулс во нашите партиски организации, во нашиот партиски живот. Вдахнете нова енергија! Затоа што вие сте јадрото, на семејството, на заедницата, на македонската социјалдемократија!
На крајот, ќе ве замолам една работа: Во трката со живот, во борбата за родовата еднаквост, во секојдневните мали и големи битки, да останете такви какви што сте – женствени и горди! Суптилни и свои“ порача Зечевиќ.
Генералниот секретар во свое и во име на партијата се заблагодари на плејада силни жени, мудри политичарки, стамени државнички, грижливи сопартијки, неуморни работнички, бесценети другарки, за нивниот придонес во сите овие предизвикувачки години во создавањето на подобри политики, во креирањето на подобро македонско општество.
„Ви благодарам затоа што во СДСМ секогаш имало силни жени – како по правило, а не како по исклучок! Ви благодарам затоа што во СДСМ жените никогаш не биле статистички бројки, туку – силни личности! Жените дадоа, даваат и ќе даваат значителен придонес во секој аспект на општеството, од политиката и науката, до културата и уметноста“ истакна Зеќчевиќ
СДСМ