Лидерите на Украина, Франција и Германија денеска ќе разговараат за тензиите меѓу Киев и Москва во врска со конфликтот во источниот дел на Донбас, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во видео за медиумите, Зеленски најави дека денеска ќе отпатува за Париз за да се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон, а преку видеоконференциска врска ќе разговара со германската канцеларка Ангела Меркел.
Состанокот ќе ги постави темелите за таканаречениот „Нормандиски формат“ на разговор, истакна Зеленски, иако не даде индикации дали или кога може да се одржи таков состанок.
Преговорите во овој формат ги вклучуваат лидерите на Франција, Германија, Украина и Русија и не се одржуваат од декември 2019 година.
Претседателот на Украина потенцира дека „ситуацијата во Донбас моментно е под контрола“.
Украина и нејзините западни сојузници ја обвинија Русија за провокација поради распоредувањето војници во близина на границата со Украина.