Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека билатералниот договор за клучните минерали за кој се разговара со Соединетите држави се уште не е готов и не содржи одредби со кои Киев сака да ги заштити своите интереси.
Договорот е од клучно значење за напорите на Киев да ја добие поддршката од Доналд Трамп бидејќи американскиот претседател бара брз крај на војната со Русија, а Киев безбедносни гаранции за да се заштити од нова инвазија во случај да се постигне мир.
„Не им дозволив на министрите да го потпишат договорот бидејќи, според мене, тој не е подготвен да не заштити нас, нашите интереси“, рече Зеленски на прес-конференција на маргините на годишната Минхенска безбедносна конференција, на која се собраа глобалните политички и воени лидери.
Зеленски го претстави договорот во интервју за „Ројтерс“ минатата недела, разоткривајќи мапа на која се прикажани бројни наоѓалишта на минерали и велејќи дека станува збор за заемно корисно партнерство за заеднички развој, а не за нивно подарување.
Предметните минерали ќе вклучуваат ретки метали како што се титаниум, ураниум и литиум.
Трамп, кој не се обврза да продолжи со воената помош за Украина, рече дека сака 500 милијарди долари во минерали од Киев и дека поддршката на Вашингтон треба да биде обезбедена.
„Ен-би-си“ повикувајќи се на четворица американски претставници објави дека дминистрацијата на Доналд Трамп и предложила на Украина САД да добијат 50 отсто од украинските минерали. Според двајцата функционери, наместо САД да плаќа за минералите, овој договор ќе биде начин Украина да возврати за оружјето и пакетите со помош од повеќе милијарди долари што САД ги обезбедија од руската инвазија во 2022 година.
Ен-Би-Си понатаму известува дека, според осум американски претставници, американскиот министер за финансии Скот Бенсент му го претставил предлогот на Володимир Зеленски во нацрт-договор за време на нивниот состанок во Киев во средата. Според официјалниот претставник, Зеленски не го потпишал документот и рекол дека треба дополнително да го проучи и да се консултира.