Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека Украина го прифатила предлогот на САД за 30-дневен прекин на огнот, кој би го опфатил Црното Море и целата линија на фронтот.

По состанокот на високи американски и украински претставници во Џеда, Зеленски рече дека украинската делегација предложила тишина во воздухот и во морето, како и вистински мерки за градење доверба, вклучително и размена на воени заробеници.

„Американската страна ги разбира нашите аргументи и ги прифаќа нашите предлози. Би сакал да му се заблагодарам на претседателот Трамп за конструктивноста на разговорите на нашите тимови“, рече Зеленски.

Тој потврди дека предлогот за целосен прекин на огнот дошол од САД и дека Украина го смета за позитивен и е подготвена на тој чекор.

Зеленски истакна дека САД сега мора да ја убедат Русија да се согласи на прекин на огнот.

„Клучен елемент на денешниот состанок беше подготвеноста на Америка да ја обнови одбранбената помош за Украина“, додаде тој.

„Украина е подготвена за мир. Русија сега мора да покаже дали е подготвена да ја заврши војната или да ја продолжи. Време е за целосна вистина“, рече тој.

Соединетите држави и Украина, претходно, издадоа заедничка изјава по состанокот во Џеда, Саудиска Арабија, потврдувајќи дека САД веднаш ќе ја укинат паузата во размената на разузнавачки информации и ќе продолжат со испраќање воена помош за Украина. Киев, исто така, изрази подготвеност да го прифати предлогот на САД за итен, привремен прекин на огнот во траење од 30 дена, кој може да се продолжи со заеднички договор на страните, под услов Русија да се согласи и истовремено да го спроведе. Државниот секретар на САД, Марко Рубио рече дека сега топката е на страната на Русија и изрази надеж дека ќе го прифати предлогот за прекин на огнот.