Со указ издаден денеска, Зеленски воспостави нова воена администрација и го назначи генералот на разузнавањето Серхиј Лисак за нејзин раководител.
Лисак истовремено беше разрешен од функцијата воен гувернер на Дњепропетровската област, функција што ја извршуваше повеќе од две и пол години, за да ја преземе новата должност.
Зеленски вчера му го одзеде државјанството на Генадиј Труханов, кој повеќе од 10 години беше градоначалник на Одеса, наведувајќи дека поседува руски пасош.
Труханов го негира обвинението, најави дека ќе поднесе тужба против одлуката на Зеленски и продолжува да ја врши функцијата градоначалник.
Сепак, со губењето на државјанството, градскиот лидер фактички е отстранет од функцијата и може дури да се соочи со депортација.
– Премногу безбедносни прашања во Одеса предолго останаа неодговорени, изјави Зеленски вчера без да наведе конкретни детали. Тој додаде дека градот има потреба од посилна заштита и поголема поддршка.
Труханов, кој повеќепати ја осудуваше Русија за нејзините бројни напади врз Одеса, е градоначалник на стратешки важниот пристаништен град со повеќе од еден милион жители од 2014 година.
Критичарите на Зеленски го обвинуваат дека сè почесто ги заменува избраните функционери со воени администрации предводени од негови довереници, пренесе ДПА.
Поради продолжената воена состојба, локалните избори што првично беа закажани за крајот на октомври се одложени. Мандатите на сите локални власти се продолжени до крајот на војната со резолуција на парламентот.
Зеленски одамна се соочува со обвинувања за авторитарни тенденции, меѓу другото и од градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко. Последниве денови се вжештија тензиите меѓу Кличко и Тимур Ткаченко – воениот администратор назначен од Зеленски. Претседателот неодамна го критикуваше Кличко поради прекините на струја предизвикани од руски напади со дронови.
Украинските власти наредија евакуација на семејства со деца од повеќе населени места во источниот регион Харков, поради „влошување на безбедносната ситуација“ околу долго оспоруваниот град Купјанск.
Гувернерот на Харков, Олег Синехубов, дернеска соопшти дека евакуацијата опфаќа 40 населени места и вклучува 409 семејства со 601 дете.
Купјанск, кој е речиси целосно уништен од руските напади, е стратешки важен поради својата локација и транспортните врски. Неколку околни градови веќе се евакуирани, додека руските сили се обидуваат да напредуваат кон запад.
Зеленски на крајот од септември ја опиша ситуацијата долж фронтот кај Купјанск како „тешка“.