Одлуката на Европската комисија да препорача доделување статус на кандидат за членство во Европската унија на Украина ќе му помогне на Киев да ја победи Русија, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Кремљ најави дека внимателно ги следи аспирациите на Украина за членство во ЕУ. „Ова е првиот чекор на патот кон членство во ЕУ, што секако ќе не донесе поблиску до победата. Благодарен сум ѝ на Урсула фон дер Лајен и на сите членки на ЕУ за историската одлука“, напиша Зеленски на Твитер.
Тој додаде дека очекува европските лидери да ја прифатат препораката на Комисијата следната недела. Кремљ, во меѓувреме, рече дека внимателно ги следи аспирациите за членство на Украина, особено во светло на растечката одбранбена соработка со ЕУ. „Постојат различни трансформации што ги следиме на највнимателен начин“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Покрај Украина, Комисијата препорача кандидатски статус и за Молдавија, истовремено барајќи од Грузија да исполни одредени услови пред да го добие истиот статус.