Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес соопшти дека „Коалицијата на подготвените“ поддржува безусловен и целосен прекин на огнот во Украина во траење од 30 дена, кој треба да почне на 12 мај.

„Се договоривме дека прекинот на огнот целосно и безусловно треба да почне од понеделник, 12 мај, во траење од најмалку 30 дена. Заедно го бараме ова од Русија. Знаеме дека САД нè поддржуваат во тоа. Безусловно примирје значи – без никакви услови. Обидот за поставување какви било услови е доказ за намерата за одолговлекување на војната и нарушување на дипломатијата. Примирјето мора да биде сеопфатно во воздух, на море и на копно“, рече Зеленски по денешниот состанок на „Коалицијата на подготвените“ за поддршка на Украина во Киев, на кој присуствуваа францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот и полскиот премиер Кир Стармер и Доналд Туск, со онлајн учество на околу 30 лидери на ЕУ и НАТО, пренесува Укринформ.