Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека му е благодарен на американскиот претседател Доналд Трамп за неговата подготвеност да одржи средба меѓу него и рускиот претседател Владимир Путин. Зеленски рече дека и Путин мора да биде подготвен за таква средба, објави УНИАН.
Претседателот на Украина во своето вечерно обраќање изјави дека операциите за пребарување на местото на рускиот напад врз Киев, кој се случи на 31 јули, се завршени денес.
„Дваесет и осум лица загинаа од ракети, вкупно 31 лице загина во градот во тој напад, вклучувајќи пет деца. Деца родени во 2007, 2011, 14, 18, дури 22… Мое сочувство до нивните семејства и пријатели. Ова беше еден од најбруталните руски напади врз Киев. Сто педесет и девет лица беа повредени. Обични куќи, бизниси, дури и една од џамиите во Киев. Нема воена смисла“, рече Зеленски.
Тој истакна дека многумина во светот сега ја поддржуваат Украина, многумина го осудуваат рускиот терор, нивните напади, нивното одбивање да се стави крај на војната.
„Долго време има предлози за прекин на огнот – украински предлози, американски предлози, многумина во светот разговараа за тоа со Русите. Секој пат тие само се обидуваа да добијат повеќе време за војна, повеќе време за терор. Инаку, Русија не функционира. И многу е важно што перспективата за нови санкции, силни санкции и не само против самата држава агресор, почна да врши притисок врз Русија. Сите руски финансии, секоја шема што го полни рускиот буџет, мора да биде насочена кон мир. Само ова ќе ја убеди Москва навистина да работи за мир“, нагласи Зеленски.
Според него, Украина е благодарна на Соединетите Држави, благодарна на Европа и на сите други пријатели во светот кои се посветени на мирот, пренесува Танјуг. Тој даде уверувања дека Украина е подготвена да работи што е можно побрзо заради мирот.
„Сите јасно разбираме кои чекори се потребни. Разбираме кој во Русија може да донесува одлуки. Затоа Украина повторно предлага да се премине од техничко ниво на разговори, не на размена на изјави, туку на вистинска средба на ниво на лидери. Би сакал да му се заблагодарам на претседателот Трамп за неговата подготвеност за таква средба“, нагласи Зеленски. Порано денес, Путин изјави дека условите на Русија за завршување на војната, кои ги изложи минатото лето, не се променети.
Според украинската агенција, овие барања предвидуваат капитулација на Украина.