Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, денеска објави дека ѝ наложил на владата да подготви и предложи пакет мерки за помош на населението во текот на зимата.
„Пакетот ќе вклучува директна финансиска помош, како што беше обезбедена минатата година, и посебни средства за најранливите социјални групи“, наведе тој на X.
Зеленски додаде дека по состанокот со премиерката Јулија Свириденко и министерот за социјална политика Денис Уљутин, наредил подготовка на посебна програма за превоз за сите граѓани на Украина наречена UZ-3000. Врз основа на оваа програма, секој граѓанин на Украина ќе може да патува бесплатно во земјата по железничката рута по свој избор, со вкупна должина од 3.000 километри.
„Исто така, разгледуваме проширување на медицинските програми, вклучително и проектот за прегледи подготвен од Министерството за здравство, што ќе им овозможи на граѓаните да обрнат поголемо внимание на своето здравје, а програмата треба да започне од јануари“, додаде Зеленски.
Според него, цените на гасот и електричната енергија за домаќинствата дефинитивно ќе останат фиксни и оваа зима и нема да има зголемување. (МИА)




