Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека украинските војници напредуваат во контраофанзивата, отфрлајќи ги изјавите на западните претставници кои тврдат дека Украина напредува премногу бавно на теренот.
Во контраофанзивата започната пред три месеци, украинските сили повторно зазедоа десетици села, но ниту еден поголем град, што предизвика фрустрација кај неколку американски претставници кои не само што укажуваат на бавен напредок, туку и ја критикуваат целата украинска стратегија.
-Украинските сили се движат напред. И покрај сè и без разлика кој што ќе каже, ние напредуваме и тоа е најважното, рече Зеленски.
Според заменик-министерката за одбрана Хана Малиар, украинските сили донекаде забрзале на југоисточниот фронт на Запорожје, каде, како што тврди таа, ги пробиле првите линии на руската одбрана. И Белата куќа ја потврди веста за успехот.
Русија ја оцени украинската контраофанзива како неуспешна, но Киев тврди дека бавно напредува, бидејќи сака да ги минимизира човечките загуби.