Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека американскиот претседател Џозеф Бајден треба да ја посети Украина и оти бегалците кои ја напуштиле земјата сè уште не треба да се вратат.
– Мислам дека Бајден, како претседател на САД, треба да дојде овде и да види сè со свои очи, рече Зеленски во интервју за Си-Ен-Ен.
Минатиот петок Белата куќа соопшти дека патување на Бајден во Украина во моментов не е планирано, додека американскиот лидер претходно посочи дека одлучува кој од високите американски функционери ќе ја посети Украина во блиска иднина.
Зеленски изрази уверување дека повеќето бегалци сакаат да се вратат во Украина и оти ќе можат да го сторат тоа кога ќе завршат непријателствата.
– Ја знам статистиката, 93-95 отсто од оние што заминале сакаат да се вратат дома. Мислам дека сега не е време за тоа, бидејќи се работи за жени и деца. Тие треба да се вратат кога ситуацијата ќе се стабилизира, рече тој. јт/
Киев, 17 април 2022 (МИА)