Украинскиот претседател Володимир Зеленски на својата официјална веб-страница предупреди дека рускиот лидер Владимир Путин ја зголемува руската армија и не се подготвува за преговори, туку за продолжување на војната.
Украинскиот претседател рече дека добил извештаи од украинските разузнавачки структури дека Русите формираат нови дивизии и развиваат нови воено производствени капацитети, пренесува Укринформ.
Според него, руската соработка со Северна Кореја ќе продолжи да се развива, а официјална Москва ги шири современите воени технологии, особено технологијата за беспилотни летала низ регионот.
„Тоа значи дека Путин не се подготвува за преговори, не за мир, туку за продолжување на војната, и не само против нас. Тие сега ја зголемуваат својата војска за повеќе од 100.000 војници и сите украински партнери мора да знаат за тоа“, нагласи Зеленски, додавајќи дека е неопходно да се дефинираат можните контрамерки и секоја земја во Европа да ја зајакне својата одбрана.
Украинскиот претседател претходно во интервју за Ројтерс изјави дека евентуалната средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп нема да доведе до крај на војната.
Зеленски истакна дека прекинот на огнот без деокупација на освоените територии ќе и овозможи на Русија да заработи трилиони долари од украинските природни ресурси и Русија да ги искористи овие средства за да ја надгради својата воена моќ.