Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на Русија не треба да ѝ се дозволи да одлучува кој може да се приклучи на НАТО, предупредувајќи дека таквите отстапки само дополнително ќе го разгорат „гладот на Путин за војна“.
Зборувајќи во Вилнус, на самитот на лидерите на централноевропските и нордиските земји, Зеленски нагласи дека единствениот начин за мир во Европа е решително спротивставување на руската агресија.
„Клучот за траен мир е јасен: агресорот не смее да добие никаква награда за војна“, рече украинскиот претседател, додавајќи: „Путин не смее да добие ништо што би ја оправдало неговата агресија. Секоја награда само би му покажала дека војната вреди“.
Зеленски го повтори своето барање за построги санкции против Русија, особено повикувајќи на сериозни ограничувања за трговијата со руска нафта и употребата на танкери.
„Без притисок, Путин само ќе продолжи да игра игри со сите што сакаат да ја завршат оваа војна“, предупреди тој.
Тој, исто така, објави дека очекува нови размени на затвореници меѓу Украина и Русија, откако претходната рунда, во која беа разменети 1.000 затвореници, беше успешно спроведена минатиот месец.
Зеленски рече дека целта не треба да се сведува на краткорочен прекин на конфликтот, туку на целосно потиснување на „руската глад за агресија“. Неговиот говор доаѓа во време кога НАТО и партнерските земји сè повеќе дискутираат за одбранбената подготвеност, а генералниот секретар на алијансата, Марк Руте, претходно изјави дека НАТО е во „најопасната безбедносна средина во последните децении“.
Самитот во Вилнус се одржува три недели пред официјалниот самит на НАТО во Хаг, на кој ќе се дискутира за зајакнување на одбранбената соработка и долгорочните стратегии за одвраќање на Русија. На собирот во Литванија присуствуваат лидери од нордиските и централноевропските земји, вклучувајќи ги Данска, Полска, Романија и домаќинот Литванија.