Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека рускиот претседател Владимир Путин сака да ја продолжи војната, и покрај предлогот на САД за 30-дневен прекин на огнот во Украина, но „се плаши да му каже“ на неговиот американски колега Доналд Трамп.
„Сега сите слушнавме од Русија многу предвидливи, многу манипулативни зборови од Путин како одговор на идејата (за прекин на огнот), тој всушност подготвува отфрлање. Путин, се разбира, се плаши директно да му каже на претседателот Трамп дека сака да ја продолжи оваа војна, дека сака да убива Украинци“, рече Зеленски.
Тој рече дека Путин „често користи таква тактика и избегнува директно да ги отфрли преговорите“, но дека „одложува и спречува нормални одлуки“, пренесува „Украинска правда“.
„Не поставуваме услови кои ги отежнуваат работите. Русија го прави тоа. Како што секогаш велевме, единствената што ќе ги одолговлекува работите, единствената што ќе биде неконструктивна е Русија“, рече Зеленски.
Тој рече дека на Русија „и треба војна“ и дека е неопходно да се изврши притисок врз Путин со воведување санкции кон Русија на европско и глобално ниво.
По украинско-американските разговори во Џеда во вторникот, Украина го прифати предлогот за 30-дневен прекин на огнот, додека Путин рече дека се согласува со предлогот, но дека има нијанси.