Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека, како и секој криминалец, Русија може да биде изведена пред лицето на правдата само со сила.
„Само со сила, силата на Соединетите Американски Држави, силата на Европа, силата на сите народи кои го почитуваат животот, може да се постигне целосен прекин на овие напади и вистински мир“, нагласи Зеленски, пренесува Укринформ.
Според него, на зголемувањето на бројот на руски напади треба да се одговори со зголемување на санкциите.
На непочитувањето на дипломатијата од страна на Русија и одбивањето дури и да прифати прекин на огнот мора да се одговори со блокирање на руските финансии и трговијата со руска нафта, додаде тој.
Како што рече Зеленски, противвоздушните сили и спасувачите работеа цела ноќ.
Руската војска употреби најголем број беспилотни летала против украинските градови и заедници од почетокот на војната.
„Вкупно 355 ударни дронови, од кои повеќето се Шахед. Имаше и девет крстосувачки ракети. За жал, има повредени и штети на цивилната инфраструктура“, нагласи украинскиот претседател.
Зеленски изјави дека нападите биле извршени во текот на ноќта од Чернигов до Хмелницката област, од Харков до Одеса, и дека тоа била трета ноќ на комбиниран руски терор – ударни беспилотни летала и ракети.
„Само чувството на целосна неказнивост може да ѝ дозволи на Русија да извршува вакви напади и постојано да го зголемува нивниот обем. Ова нема значајна воена смисла, но има значајна политичка смисла. На овој начин, Путин покажува колку го презира светот што троши повеќе труд на „дијалог“ со него отколку на притисок“, е убеден украинскиот претседател.
Украинските воздушно-одбранбени сили соборија девет крстосувачки ракети Х-101 и неутрализираа 288 од 355 беспилотни летала што ги користат руските сили за напад врз Украина од синоќа.